Фриленсинг – начин на живот и заработка по свои правила

Фриленсинг – начин на живот и заработка по свои правила

Стефанија Дејановиќ, студент на Академијата за UX дизајн во Семос Едукација е успешен пример за тоа дека со малку труд и голема визија, само небото е граница. Стекнатото знаење и искуство од Академијата, креативноста и слободниот дух, ја доведоа до работа од соништата – фриленсер.

Поразговаравме со неа за кариерната патека, работните навики и бенефитите од фриленсингот.

Како ја започна твојата кариерна патека?

Кариерната патека ја започнав уште на факултет, додека студирав Маркетинг. Во тие четири години паралелно со студиите работев на маркетинг проекти, присуствував на неколку  натпревари за маркетинг, пракси во компании, работа на промоции и сл. Тоа ми помогна да стекнам искуство и увид во реалниот практичен дел од маркетингот надвор од книгите.

По студиите работев и во продажба, додека не решив дека сакам промена. Тогаш се запишав на UX/ UI Академијата во Семос Едукација. Оттогаш наваму работам како фриленс UX/UI дизајнер.

Светот е твојата канцеларија сега.  Дали би се вратила на работа во стандардна канцеларија од 9:00 – 17:00?

Не. После овој стил на живот и оваа слобода, не верувам дека би ми било лесно да се вратам на старите навики, работа од иста канцаларија со фиксно работно време.

Светот е преголем за да сме заглавени на една локација, а денешното функционирање по пандемијата кога бевме принудени да се навикнеме на „новото нормално”, го дозволува тоа. Видовме дека може да се функционира remote и дека вработените навремено си ги завршувааат задачите и обврските и без седење во канцаларија со фиксно работно време.

Секако, сепак зависи од професијата и индустријата и дали тие го дозволуваат истото. Имав голема среќа да се пронајдам себеси во ова што го работам и истото да можам да го правам од било кој дел во светот.

Мојата филозофија е „Зошто би работела во фиксни услови, кога можам да го живеам животот на свој начин и притоа добро да заработувам и да бидам посветена на кариерата?“

Опиши ни еден твој работен ден како фриленсер/remote работник?

Рутината ми е доста поразлична таа што ја имав додека бев во Македонија поради временската зона во Индонезија (+6 часа).

Ако порано станував во 5 или 6 часот наутро за да трчам и после трчање во 08:00 бев на состанок, сега станувам во исто тоа време за трчање, но после тоа имам 2–3 часа за себе, пред да почнам со работа во 13:00. Времето пред работа го користам за да читам книги, пишувам и целосно да се посветам на себе. Сметам дека во овој хаос во кој живееме, времето за себе е неопходно. Со работа генерално почнувам во 13 часот и работам до вечер, иако има денови кога сакам слободното време да го искористам попладне па почнувам порано, околу 10 часот, во зависност од активностите и плановите кои ги имам за тој ден.

Флексибилноста е убава, доколку практикувате дисциплина и ред.  Да го испланирате денот и работната недела и да се водите по тој план е најважната работа и „вештина” што секој треба да ја поседува.

Што би им препорачала на сите кои што сакаат да почнат да работат фриленс/remote работа?

Да се биде remote работник/ фриленсер си има свои предности и недостатоци. Како што кажав и претходно, целосната слобода што ни се нуди треба паметно да ја искористиме, доколку сакаме да сме успешни во тоа што го правиме. Најважно е да се има желба и храброст да се превземе овој чекор. Не е тешко ни комплицирано, но е доста поразлично и попредизвикувачки да ја имаш контролата и одговорноста за сè.

Планирање на денот и работното време, планирање на локацијата од каде ќе работиш, дали од дома, ресторан, кафе бар, coworking space и сл.

Моментот на различни дистракции и работи што ни го одземаат вниманието се секојдневие и треба да се научи како да се совладаат истите, но за да дојдеме до ова треба да се направи првиот чекор кон фриленсинг.

На сите со желба за ваков стил на живот би им препорачала да ја имаат храброста да го направат истото и да почнат да живеат и заработуваат по свои правила. Курсот за фриленсинг на Семос Едукација ги содржи сите неопходни tips and tricks за започнување на свој фриленс бизнис, запишете се и научете како да станете успешен фриленсер😉