До PMP сертификација со Билјана Дрвошанова

PMP обуката опфаќа многу примери од реалниот свет

Проектите сами по себе носат големи ризици. За тоа зборува и глобалната статистика според која две третини од проектите завршуваат неуспешно поради недостиг од обучени раководители на проекти или проектни менаџери.

Без успешни проектни стручњаци, компаниите се соочуваат со раст на трошоците, ненавремено следење на роковите и неуспех во работењето. Со цел да дознаеме повеќе за важноста на PMP сертификацијата и нејзината примена во пракса, направивме интервју со Билјана, предавач на PMP обуката во Семос Едукација.

Здраво Билјана, како проектен менаџер во HTEC Group,  со големо искуство во агилни методологии, предавач на PMP обуката во Семос Едукација, можеш ли да ни кажеш кои се трендовите за 2022 во оваа индустрија?

Во минатава декада, во проектниот менаџмент доминираат агилните методологии. Тој тренд продолжува и оваа година. Сè уште постојат дејности каде што не е возможно во целост да се примени агилниот пристап но дури и кај нив се забележуваат промени и модификации во начинот работа со кои се приближуваат кон агилните методологии. Во таа насока се и последните промени што се направени во седмото издание на PMBOK Guide од страна на PMI. Она што е највпечатливо во ова издание е различниот начин на кој што е организиран стандардот. Самата ваква (ре)организација нè тера да размислиме за малку поинаков пристап во Проектниот Менаџмент.

Кои квалификации и знаења се потребни за еден проектен менаџер да биде успешен во својата работа?

Проектен Менаџер е работа која што пред сè човек треба да ја сака. Потребно е да се поседуваат одредени вештини како прецизност и педантност. Тука би ја додала и љубопитноста. Сметам дека проектниот менаџер треба да има способност да ги „гледа” акциите неколку чекори порано од останатите. Исто така, треба да има одлични комуникациски вештини и да знае да биде трпелив.

Сите овие вештини се надоградуваат и ако можам да речам, се изоструваат со годините на работно искуство.

Кој е најчестиот проблем на компаниите при управување со проекти и кое е неопходно решение?

Најголем предизвик во управувањето со проекти бил и сè уште е справувањето со промени. Во минатото проектите се водеа така што се собираа сите барања за потребите на проектот, се документираа, се одобруваше проектната документација и потоа се влегуваше во реализација на проектот. Кога ќе се појавеше потреба за да се смени нешто во некое од барањата, тоа беше најголем предизвик. Од таму и се појави потребата за промена во пристапот на водењето проекти и воведувањето на агилните методологии. Иако можеме да сметаме дека агилнот пристап во некоја мера го решава овој предизвик, мислам дека сè уште го бараме вистинскиот начин како да управуваме со промени во реалните ситуации што ги имаме на проектите.

Постојат многу алатки и методологии за управување со проекти. Кои ги препорачувате како најефективни и зошто?

Јас работам во IT индустријата и од моето досегашно искуство алатки кои највеќе ми помогнале во секојдневната работа се алатките на Atlasian – Jira и Confluence. Исто така, задоволна сум и од комуникациската алатка Slack. Но сакам да напоменам дека ова се мои лични преференци и дека не се ни сомневам дека има и други алатки кои исто така се ефективни во секојдневната работа. Изборот на алатката многу зависи и од тоа колку луѓе ќе ја користат, колкава е компанијата во која се користи и слично.

Алатките кои ги споменав се користат во околини каде што има работа со многу луѓе на многу проекти.

Интензивниот подготвителен курс за Сертифициран Проектен Менаџер – PMP стартува на 10-ти март. Дали може да ни споделиш повеќе информации околу обуката и за тоа како ќе им помогне на проект менаџерите да ги совладаат вештините потребни за профитабилно раководење со проекти?  

Самата PMP сертификација е чекор кој овозможува многу подетално разбирање на улогата на проектниот менаџер. Обуката која што стартува наскоро е осмислена така што ги опфаќа сите правила на стандардот, но исто така опфаќа и многу примери од реалниот свет. Со оваа обука, проектните менаџери кои сакаат да се сертифицираат ги добиваат неопходните 35 часа кои се предуслов за аплицирање за сертификација, но во исто време ќе добијат и претстава за тоа како PMI стандардот се применува во секојдневната работа и кои се бенефитите од неговата примена.